Најмалку 93 лица, меѓу кои и многу жени и деца, биле убиени во воздушен напад на сириската војска, во кој беше погодена пекарница во централната сириска провинција Хама.
Во еден од најсериозните инциденти во текот на 21-месечниот конфликт во Сирија, граната погоди пекарница во градот халфаја кој го држат бунтовниците, и во таа прилика убија најмалку 93 лица, кои стоеле во ред за леб, додека повеќе од сто се повредени, соопшти сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон.
Во соопштението на опозициските групи, се наведува дека силите лојални на сирискиот режим претседателот Башар ал-Асад во близина на Хама извршија масакр во кој загинаа голем број цивили, пренесува турската новинска агенција Анадолија.
“Режимската војска ја бомбардира пекарница во Халфаја и направи масакр во кој загинаа десетици луѓе, меѓу кои има многу жени и деца, а многумина се повредени”, се вели во соопштението на мрежата активисти на Локални координативни комитети.
На снимките, кои ги направил анонимен снимател, се гледа урната еднокатна зграда и кратер на патот како и крвави тела кои лежат на улицата или се гледаат од под урнатините, а кои мажите на грб ги пренесуваат на друго место, јавува АФП.
Сириските бунтовници започнаа во понеделникот серија напади на воените позиции околу Хама, седиштето на силното антирежимско движење.
Групите за човекови права ги обвинија минатото лето владините сили дека вршат злосторства против човештвото, фрлајќи бомби и користејќи артилерија во близина на неколку пекари во северната провинција Алепо. Во еден таков напад, на 16 Август, во Алепо, загинаа најмалку 60 луѓе.
Денес, без оглед на нападот во Хафаја, во операциите на сириската војска во неколку градови, загинаа најмалку 40 луѓе.
Бунтовниците, 21 месеци се борат против владата на претседателот Башар ал-Асад и во тие судири се убиени , според податоците на опозициските групи, повеќе од 44.000 луѓе, од кои речиси 31.000 цивили.