Сомалиските сили за безбедност го зазедоа хотелот „Сахафи“ во Могадишу, кој денеска беше нападнат од групацијата Ал Шабаб, изјави началникот на полициските сили, Али Ахмед.
– Се е завршено, ги убивме напаѓачите. Тие пристигнале во текот на ноќта и го нападнале хотел, додека некои од припадниците на обезбедувањето заспале, истакна тој.
Нападот почна рано изутрината кога бомбаш-самоубиец активирал автомобил-бомба пред главниот влез на „Сахафи“, а потоа вооружени лица влегле во хотелот и отвориле оган кон луѓето во него.
– Убиени се сопственик на хотелот, поранешен генерал на армијата, како и други вработени кои биле таму за време на нападот, изјави капетанот Мохамед Хусеин од сомалиската полиција.
По првата експлозија одекнала уште една на паркингот пред хотелот.
Има различни податоци за бројот на загинатите. Според информации на извор од АП загинале најмалку девет лица, а десет се ранети, јави БТА. Меѓу загинатите има и еден фоторепортер, а друг е повреден.
Според податоци на ДПА загинале најмалку 15 лица, а меѓу жртвите има двајца фоторепортери, политичари, бизнисмени и други цивили, како и припадници на силите за безбедност.
Сомалиските сили за безбедност и силите на Африканската унија заминале на местото и воспоставиле контрола врз хотелот, објави на Твитер мисијата на АУ во Сомалија, која во оваа држава има испратено свои војници за да и помогне на Владата во борбата против Ал Шабаб.