Гласот на Америка – Вашингтон
Веста за тоа дека претседателот Доналд Трамп потпиша закон со кој се ограничува слободата на движењето и патувањата за граѓаните на седум мнозински муслимански земји, како и бегалците кои бараат азил на територијата на САД, беше главна тема и во Силициумската долина во Калифорнија во текот на викендот.
Интернет гигантот Гугл издвои два милиона долари и ги повика вработените заеднички да соберат уште толку пари, наменети за поддршка на разни организации и здруженија кои се залагаат за правата на мигрантите. Одлуката за покренување на фонд е донесена откако генералниот директор на Гугл Сандер Пичаи изрази загриженост за безбедноста на вработените во таа компанија кои се граѓани на држави на „црната листа”, а кои работат во САД со легални работни дозволи. Контроверзната забрана, како што пренесуваат медиумите, погоди околу 200 вработени во Гугл.
Директорите на другите најголеми светски технолошки компании, меѓу кои се Епл, Фејсбук, Мајкрософт, АирБнБ и Бокс исто така изразија загриженост изјавувајќи дека таа одлука е неамериканска и дека е лоша за работењето во компаниите.
„Сметаме дека тоа е неверојатно ужасен закон. Како извршен директор на технолошка компанија, но пред се како американски државјанин, тоа е против сите американски принципи. Ние имаме луѓе кои директно се погодени со ова, како и нивните семејства. На цела среќа тие вработени во нашата компанија се уште не ја напуштиле земјата, но ова создаде огромен притисок на тоа што можат да работат и каде можат да одат” – рече Ерон Леви, извршен директор на Бокс.
Компанијата за такси превоз Лифт донираше милион долари како свој придонес за решавање на оваа криза. Меѓутоа, втората најголема компанија од тој тип Убер изгуби илјадници корисници кои од протестите ја избришаа апликацијата бидејќи таа фирма се одлучи да биде единствена такси фирма која ги превезуваше патниците од аеродромите. Сите други фирми беа во штрајк во знак на солидарност со погодените патници.
Директорот на Епл Тим Кук исто така изрази противење за новиот закон и потсети дека основачот на Епл Стив Џобс бил дете имигрант од Сирија. Карл Гардино од асоцијацијата која ги застапува вработените во Силициумската долина „Silicon Valley Leadership” потсетува на важноста на разноликоста во технолошката индустрија.
„Да се потсетиме дека 53 отсто инжинери, кои се покренувачка сила на економијата во Силициумската долина, ја немале таа среќа да се родат во САД. Тоа се имигранти кои често доаѓаат со тешка мака како имигранти, или дури бегалци на нашиот брег” – рече Гардино.
Со спорниот документ се забранува влез на територијата на САД за граѓаните на Ирак, Сирија, Иран, Сомалија, Судан, Либија и Јемен на 90 дена и се суспендира програмата за прием на бегалци на 120 дена. Трамп тврди дека законот е неопходен за да се спречи доаѓање на „радикални исламистички терористи” на американско тло.