Бета – Белград
Европската унија и Велика Британија постигнаа договор за Брегзит, и ако биде ратификуван, граѓаните и компаниите конечно ќе имаат појасна слика за тоа што ги чека во иднина.
Тоа, меѓутоа, е големо „ако“, бидејќи британските пратеници го отфрлија претходниот договор. Договорот кој претходната премиерка Тереза Меј го постигна со Брисел во декември 2018 година, Парламентот го отфрли три пати.
Еве што има во новиот договор и како се разликува од текстот што го договори Меј.
Прашањето за границата во Ирска и како да се задржи слободниот проток на луѓе и стоки преку единствената копнена граница на Велика Британија и некоја членка на ЕУ е голема пречка од почетокот на преговорите за Брегзит. Отворената граница е клучна за регионалната економија, но и за мировниот процес во Северна Ирска.
Отфрлениот договор содржеше одредба позната како „бекстоп“, која предвидуваше останување на британската Северна Ирска во рамките на трговските и царинските регулативи на ЕУ, со што граничните проверки ќе беа непотребни. Поддржувачите на Брегзит меѓу британските пратеници се спротивставија на тоа, тврдејќи дека таквиот договор ќе го спречи Лондон да склучува трговски договори со земји ширум светот.
Британскиот премиер Борис Џонсон од самиот почеток инсистираше на тоа дека цела Велика Британија, вклучително и Северна Ирска, мора да ја напушти царинската унија, што граничните проверки ќе ги направи речиси неизбежни.
Новиот договор го решава овој проблем со задржување на Северна Ирска во единствениот пазар и отстранување на царинските проверки на ирската страна на границата, со што границата останува отворена. Наместо тоа, царинските проверки и царините ќе се однесуваат на британската стока која влегува во Северна Ирска, со ЕУ како крајна дестинација.
Ова практично значи дека стоката ќе се царини во Ирското Море, предлог кој британската Влада го отфрлаше речиси од самиот почеток.
И ЕУ се согласи на компромис, дозволувајќи и на Северна Ирска специјален пристап до единствениот пазар. Исто така, Северна Ирска со договорот добива право на глас за регулативите, што не беше случај во минатогодишниот договор. После четири години имплементација, Парламентот на Северна Ирска би гласал за продолжување или прекинување на аранжманот.
Освен одредбите за ирската граница, новиот договор во најголем дел е ист како оној што го постигна Тереза Меј и ги наведува условите за излез на Британија.
Доколку договорот биде усвоен, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, но ќе остане во единствениот пазар и обврзана со неговите прописи до крајот на 2020 година, сè додека двете страни не договорат нови трговски односи.
Исто така, Лондон би се согласил до крајот на буџетскиот период што завршува во 2020 година да плаќа придонеси за пензиите за вработените во администрацијата на ЕУ и за програмите на ЕУ во кои учествуваше Велика Британија. Овие придонеси претходно беа проценети на околу 39 милијарди фунти.
Што се однесува до правата на граѓаните, европските граѓани кои сега живеат во Велика Британија, како и Британците кои веќе живеат или работат во земјите на ЕУ, нема да го загубат правото на престој и работа.
Во доменот на трговијата, двете страни во необврзувачка политичка декларација ветија „амбициозно, широко, длабоко и флексибилно партнерство во трговијата и економската соработка, што ќе се фокусира на сеопфатен и балансиран договор за слободна трговија“.
Деталите за тој трговски договор, како и многу други аспекти на идните односи, ќе бидат договарани по заминувањето на Велика Британија од ЕУ.
Лидерите на ЕУ се загрижени дека Владата на Џонсон по Брегзит планира да тргне во насока на економија на ниски даноци и ниска регулација. Отстапка кон британската Влада во тој поглед претставува заложба за „рамноправни услови“ со „заеднички високи стандарди во областите на државната помош, конкуренцијата, социјалните давачки и вработувањето“.
Двете страни наведоа дека ќе имаат „широко, сеопфатно и урамнотежено безбедносно партнерство“, но оти „размерите и нивото“ на тоа партнерство ќе зависат од блискоста на идните односи.
И на крајот, европските граѓани повеќе нема да можат слободно да одат да живеат и да работат во Велика Британија, ниту Британците во ЕУ, но за куси посети ќе се задржи безвизниот режим.