НАТО официјално објави дека првата оперативна фаза од проектот за заштита на Европа од ракетен напад на Блискиот Исток е завршена. Сега се чека одговор од Русија да се приклучи.
„Одбраната од проектилите има големо значење. Ние сме под реална закана од Иран“, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Чикаго, каде што вчера и денеска се одржува Самитот на воената алијанса.
Шефовите на државите и владите од 28 земји-членки официјално прогласија дека првата фаза од градењето на одбрамбениот штите е завршена. До 2020 година предвидени се вкупно три фази.
„Ова е првиот чекор за остварувањето на нашите долгорочни цели за обезбедување целосна заштита за населението, територијата и силите на безбедност во европските земји“, дополни Расмусен.
За членките на НАТО главната закана не доаѓа од Русија, туку од земјите на Блискиот Исток, посебно од Иран, кои се опремени со проектили што можат да погодат 30 земји во Европа. Иран е јасно идентификуван како потенцијална закана, бидејќи има произведено проектили со опсег 2.000-2.500 км. Тие можат да стигнат до југоисточниот дел на Европа.
Штитот се состои од многу моќни радари, инсталирани во Турција и Анадолија, СМ-3 ракети распоредени во Средоземното Море и пресретнувачки ракети сместени во Полска и Романија. Седиштето ќе биде лоцирано во базата „Рамштајн“ во Германија.
НАТО ракетниот штит ги скара НАТО и Русија и влијаеше на нивните меѓусебни односи за прв пат по падот на Берлинскиот ѕид.
Русија смета дека штитот е закана за нејзината безбедност и бара активно вклучување во системот. Рускиот министер за одбрана Анатолиј Сердуков во почетокот на мај предупреди дека разговорите меѓу двете страни се заглавени во „ќор-сокак“, откако на самитот во Чикаго не се поканети високи функционери од Русија. Затоа Русија планира да активира свој систем за антиракетна одбрана и распоредување на своите проектили „Искандер“, ако не добие согласност од НАТО и таа да биде дел од стратешкото маневрирање со веќе поставениот штит.
Генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата ќе го продолжи дијалогот со Русија и изрази надеж дека ќе успеат да се договорат.
Новиот француски претседател, Франсоа Оланд, вчера изјави дека Русија не треба да се чувствува загрозена од одбранбениот штит на НАТО.