Преговорите за ослободување на седумте набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кои се задржани како заложници во украинскиот град Славјанск, се во многу деликатна фаза, изјави во Берн германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.
По средбата со швајцарскиот колега Дидие Буркхалтер, кој е актуелен претседавач на ОБСЕ, Штајнмаер изјави дека поради деликатната фаза на преговорите не може да даде повеќе информации за развојот на ситуацијата.
Буркхалтер истакна дека за време на разговорот со Штајнмаер било потврдено дека ОБСЕ и Германија, која има четворица свои граѓани меѓу заложниците, имаат заедничка цел, а тоа е нивно безусловно ослободување.
Штајнмаер нагласи дека кризата во Украина е голем предизвик за целиот свет, а настаните од изутринава се доказ дека насилствата продолжуваат.
Меѓу задржаните набљудувачи на ОБСЕ, освен четворица Германци има и по еден Полјак, Данец и Чех.