Потпретседателот на шпанскиот Сенат, Педро Бланко вечерва изјави дека следниот петок на седница ќе се гласа за мерките кои Владата на Шпанија ги предложи за преземање контрола врз автономниот регион Каталонија.
Конзервативниот сенатор Бланко истакна пред новинарите дека ќе биде формирана специјална комисија од 27 сенатори, кои првата проценка од владините мерки ќе ја соопштат во вторник.
Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон има право да изнесе жалба на тие мерки, така што би се појавил в четврток попладне пред специјалната комисија или би испратил свои пратеници.
Се очекува комисијата да усвои конечен предлог, кој ќе биде изнесен на пленарната седница на 27 октомври, со цел негово конечно усвојување. Владејачката Народна партија има апсолутно мнозинство во Сенатот, а се очекува да добие поддршка и од опозициските сенатори за мерките со кои се зачувува единството на Шпанија.