Јавниот обвинител на Шпанија Хозе Мануел Маза денеска поднесе кривични пријави против членовите на регионалната Влада на Каталонија, вклучително и премиерот Карлес Пуџдемон, кој според денешните информации побегнал во Белгија заедно со повеќе членови на Владата за да избегне апсење.
Обвинение е поднесено и против претседателката на каталонскиот Парламент Карме Форкадел.
Членовите на каталонската Влада се обвинети за поттикнување на бунт, противдржавни активности и присвојување на државен имот, за што им се заканува затвор од најмногу 30 години. Маза најави дека ќе побара и мерки за обезбедување на обвинетите.
Шпанската Влада ја распушти Владата на Каталонија и ја суспендираше автономијата на регионот, откако каталонскиот Парламент прогласи независност. Некои од каталонските министри денеска дојдоа на работа, спротивставувајќи се на одлуката на Мадрид за нивно разрешување.