Шпанската Влада ќе ја намали стапката на данок на додадена вредност на маските од 21 на четири проценти за да обезбеди услови за намалување на нивната малопродажна цена во пандемијата на коронавирус, изјави денеска министерката за буџет Марија Хесус Монтеро.
Владата ја донесе одлуката откако синоќа доби зелено светло од Европската комисија, појасни министерката при дебатата во Парламентот за буџетот за следната година.
– Владата ќе се погрижи пониската стапка на ДДВ да биде преточена во пониска цена за потрошувачите, а не во поголема заработка за компаниите, нагласи таа.
Употребата на маски кои го покриваат носот и устата е задолжителна во повеќето шпански региони веќе неколку месеци. Инаку, Шпанија е на второ место меѓу западноевропските земји според вкупниот број на заразени со коронавирус.