Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, денеска на Твитер соопшти дека повеќе од 12 проценти од Германците примиле барем една од двете дози вакцина против Ковид-19, што значи дека во апсолутни бројки тоа е повеќе од 10 милиони жители.
Шпан додаде дека 4,3 милиони луѓе веќе ја примиле и втората доза на вакцината.
Според Институтот за контрола на болести „Роберт Кох“ и Министерството за здравство, само вчера во земјата биле имунизирани околу 217. 000 лица.
Шпан наведува дека досега се искористени речиси 10,7 милиони дози вакцина на „Фајзер“/ „БиоНТек“, 700 000 дози на „Модерна“ и 2,9 милиони дози на „Астра Зенека“.
Давањето предност на одредени демографски групи во редот на вакцините треба да почне да паѓа во втор план, бидејќи се зголемува бројот на достапни дози, објави денеска Здружението на германски лекари по општа медицина.
-Давањето предност беше и е добро упатство за лекарите, додека вакцината се уште е достапна во мали количества, рече Улрих Вајгелд од здружението за „Рајнише пост“.
„Како и да е, наскоро веќе нема да мораме да гледаме толку многу на бројките, туку се повеќе и повеќе на здравјето на луѓето“, рече Вајгелд.
Доколку количеството на достапни дози вакцини надминува одредено ниво, приоритет мора да биде „секој што може и сака да ја вакцинира што побрзо“.