Гласачите во Шкотска, на референдумот во четврток, треба да одлучат за иднината на нивната земја-дали Шкотланѓаните и понатаму ќе продолжат да живеат во една заедничка држава, заедно со Англичаните, Велшаните и Северните Ирци, или пак, да ја раскинат 307 години старата шкотско-англиска унија и да се отцепат од Велика Британија.
Референдумското изјаснување се одржува во сенката на 700 годишнината од битката кај Банокбрн, во 1314 година, кога шкотскиот крал Роберт Брус, успеал најпосле да ги порази Англичаните кои подоцна ќе ја признаат независноста на Шкотска.
Совпаѓањето на јубилејот од победата над англиската војска на кралот Едвард Втори, со изјаснувањето на гласачите за тоа, дали сакаат Шкотска да биде независна држава, не е случајно.
Тоа треба да им помогне на сепаратистите и на кампањата за отцепување, подигнувајќи ги патриотските и националаните чувства.
Унионистите и противниците на независноста, враќајќи се во средновковието, потсетуваат на првото обединување на круните на двете соседни земји, во 1603 година, кога Џејмс Шести од Шкотска седна во англискиот престол, како Џејмс Први, од Англија и Ирска, по крунисувањето во лондонската Вестминстерска Опатија.
Еден век подоцна, старите противници и непријатели, отидоа чекор понатаму, со обединувањето во една држава, создавајќи го Обединетото кралство на Велика Британија.
Триста години подоцна, луѓето кои живеат северно од некогашниот Хадријанов ѕид, треба да пресудат дали Шкотска и Англија одново ќе се разделат. За тоа, сега ќе одлучуваат само Шкотланѓаните, откако сепаратистите, предводени од првиот министер и лидер на шкотската национална партија (СНП), Алекс Салмонд закажа референдум за независност на земјата, тврдејќи дека тривековната унија ја одиграла својата улога.
Деволуција
Референдумот од 18 септември е второто такво изјаснување на шкотските гласачи во последните 16 години.
Во 1998 година, тие со големо мнозинство го прифатија законот за деволуција (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург), што го предложи владата на тогашниот премиер Тони Блер.
Со законот се обнови работата на шкотскиот Парламент кој доброволно се распушти, за да се спои со Парламентот на Англија во 1707 година при создавањето на унијата, а шкотските парламентарци во надлежност ги добија сите сектори на државата, освен одлучувањето за надворешната, одбранбената и даночната политика.
Шкотските националисти, главно собрани околу тогаш маргиналната СНП, не беа задоволни од деволуцијата, објаснувајќи дека таа не ги задоволува сите шкотски национални интереси, па кога за лидер на партијата беше избран Алекс Салмонд, тој им порача на Шкотланѓаните (и на политичарите во Лондон) дека ако победи на изборите во Шкотска, ќе покрене одржување референдум за независност.
Таквата можност му се укажа во 2007 година, кога оваа некогаш мала партија победи првпат на изборите за шкотскиот Парламент, прекинувајќи ја дотогашната 50 годишна доминација на британските лабуристи.
Салмонд тврдеше дека победата на СНП е знак за будење на шкотската самобитност и желбата за обнова на самостојноста, надвор од унијата со Англија.
Проблемот беше што неговата партија имаше предност од само еден пратеник, а тоа го спречуваше да отвори дебата за референдум, особено што сите главни британски партии се спротивставија на идејата за отцепување од Велика Британија.
На следните избори во 2011 година, СНП и Салмонд, меѓутоа, извојуваа убедлива победа, па сега беше отворен патот за организирање на долго најавуваниот референдум.
Од позиција на прв министер на влада со апсолутно мнозинство во Парламентот во Единбург, Салмонд ја имаше целата политичка ситуација во свои раце. На рака му одеа и случувањта во британската политика и поразот на лабуристите на изборите во 2010 година.
Враќањето на конзервативците на власт, дојде како нарачано за Салмонд, кој идеолошки е левичар и приврзаник на популистичката политика, што на два пати, едноподруго, му овозможи да победи во Шкотска.
Гласачите во овој дел од државата, никоагш не ги симпатизирале ториевцитене, не само идеолошки, туку и поради нивната „англиска надменост“, па влегувањето на Дејвид Камерон во Даунинг стрит 10, дефинитивно го уверија Салмонд дека е дојден моментот за радикални промени во Обединетото Кралство и за преуредување на Британија, без Шкотска.
Виски и нафта
Сепаратистите ја почнаа трката за придобивање на наклонетоста на Шкотланѓаните, во услови кога едвај една третина од гласачите посакуваа независност, па кампањата ја почнаа патриотски. Тие веруваат дека пред три века, при создавањето на унијата, Шкотска била продадена за злато. Вистината е сепак, поинаква зашто понудата за заедничка држава дошла откако земјата се нашла на работ на банкротство, по пропаднатиот обид Шкотска да стане колонијална сила, со создавање колонија во Панама. Не само што тој обид не успеал, туку целиот потфат толку многу ги исцрпел финанските можности на земјата, што таа останала без пари и без можност да ги сервисира своите потреби, па унијата со Англија ја спасила од уште поголемо понижување.
За непристрасните историчари, обединувањето во 1707 година е изведено во најдобар интерес за земјата, бидејќи таа станала дел од една империја, преку неа се афирмирала низ светот, а во трите векови со Британија, се достигнати најголемите шкотски постигнувања во историјата.
Националистите, сепак, инсистираат дека обединувањето на почетокот од 18 век, било непопуларно решение, а дека сега е надживеано. Многу обични Шкотланѓани, меѓу кои има и такви кои за себе тврдат дека се унионистите, признаваат дека одалеченоста од Лондон ги тера да мислат оти е привлечно да имаат моќен политички центар во Единбург.
Тие веруваат дека нивната земја со помош на вискито и нафтата, како најважните извозни производи, може да опстојува самостојно и без лондонското „туторство“.
Кампањата за независност постојано го потхранува таквото верување, давајќи го како „аргумент“ споредувањето со низа европски земји, како Ирска и Финска, кои имаат приближно ист број на население како и Шкотска, а сосема сигурно опстојуваат како самостојни држави, или со помалите од неа нови независни земји на Балканот кои го сочинуваат сега новиот лик на Европа.
Салмонд инсистира дека станува збор за „историски момент“ и за шанса каква пред оваа, немала ниту една генерации Шкотланѓани. Тој заговара, во иднина, само луѓето во Шкотска да управуваат со својата земја, тврдејќи дека не само што земјата може и сама без Велика Британија, туку дека брзо ќе се нареди меѓу дваесете најбогати земји во светот.
Заедно е подобро
Распалените национални и патриотски страсти, имаат ефект, посебно меѓу помладите гласачи, па почетната уверлива предност на противниците на отцепувањето, во финишот на кампањата се претвори во „мртва трка“ на сепаратистите и унионистите.
Приврзениците на останувањето во рамките на Велика Британија, тргнуваат од тоа дека нема потреба да се растура унијата кога таа успешно функционира и е полезна за Шкотска и нејзините луѓе. Тие тргнуваат од тоа дека евентуалната независност не само што ќе предизвика најголема уставна криза во историјата на Обединетото кралство, туку дека ќе ја одведе Шкотска во економско-финансика и социјална незивесност.
Постои страв од зголемување на невработеноста, особено кај младите, која и онака е висока и изнесува над 100 илјади лица до 24 годишна возраст. Луѓето стравуваат и од религиозните делби меѓу католиците и протестантите, за кои се вели дека и сега се подлабоки отколку што се верува. Ги плаши неизвесноста која ќе биде валутата на евентуално независната држава, кога стана јасно дека мнозинството „навива“ за фунтата, а многу малку луѓе се подготвени да го прифатат еврото.
Гласачите, во бројните дебати во текот на кампањата, покажаа дека стравуваат и за позицијата на нивната држава по отцепувањето, посебни за тоа какви ќе бидат односите со ЕУ, околу приемот на Шкотска во Европската Унија, за односите со другите земји, откако се покажа дека светот, а посебно Европа, со голема резерва гледа на намерите на шкотските сепаратисти да излезат од Велика Британија.
Сите анкети направени изминатите месеци откриваат дека околу две третини од луѓето би сакале проширување на деволуцијата и давањето повеќе овластувања за шкотскиот Парламент, како замена за растурањето на старата унија.
Салмонд и кампањата за независност тврдат дека деволуцијата веќе не е она што Шкотска го бара и инсистираат на отцепувањето, но кампањата „Заедно е подобро“ предупредува дека сепаратистите целата работа пред рефередндумот ја третираат како „патриотска игра“.
– Ова не е работа на расфрлање со патриотизмот, туку е мошне сериозно прашање кое ја определува иднината и судбината не само на сегашната, туку и на идните генерации, порачува во кампањата раководотелот на унионистичкиот блок, Алистер Дарлинг, поранешен британски министер за финансии.
Тој вели дека остануваат сосема отворени и без одговор прашањата околу обезбедувањето на фондовите за сервисирање на „новата“ држава, прашањето за валутата, особено што Лондон одби да прави монетарна унија со штотуку отцепената држава, приходите на земјата и можноста за покривање на социјалните потреби на Шкотска што сега се заокружуваат со интервенција од британската влада.
Работите се усложнуваат кога стана јасно дека крупниот бизнис и банките најавија повлекување на своите седишта од Единбург во Лондон, доколку победи опцијата за независност.
Трговските компании признаваат дека по отцепувањето, ќе уследи поскапување, затоа што земјата ќе се третира како странска држава, а аналитичарите на Дојче банка предупредуваат на можноста, отцепувањето на Шкотска да предизвика силна депресија во земјата што ќе ја погоди и британската економија.
Шкотски ефект
Дебатите што се водеа во текот на летото, а посебно последниве недели откриваат дека Шкотска е длабоко поделена меѓу отцепувањето и унионизмот, а историчарите потестуваат дека сегашната ситуација е речиси идентична со онаа од пред 300 години, кога шкотскиот тогашен политички естаблишмент, се определи за унија со Англија. И тогаш, а и сега, бизнисот не верува во патритизмот, туку во логиката на пресметките и бројките, па на гласачите им се сугерира претпазливост и одмереност при гласањето во четврток.
Последните мерења правени до 12 септември откриваат дека унионистите имаат поддршка од 51 отсто, а сепаратистите од 49 отсто од Шкотланѓанте, што навестува крајно неизвесно гласање.
Доколку победат приврзаниците за независност, во петок луѓето ќе живеат во други земји, со различни позиции во светот и со различна иднина.
Таквата разврска на шкотското прашање, никој не го посакува, како во Брисел и ЕУ, така и пошироко во Европа. Прво, затоа што би можело да дојде до „домино ефект“ па Шкотска да послужи како пример и мотив за европските сепаратисти, во разни земји, а второ, затоа што тоа ќе отвори низа проблеми внатре во самата ЕУ, бидејќи ова ќе биде прв случај на внатрешен распад на една земја, членка на Унијата.
Од можноста на рефереднумот да победат сепаратистите, најмногу стравува Шпанија, поради ситуацијата во Каталонија, каде тамошните сепаратисти притискаат врз Мадрид, да постапува онака како што тоа го направи владата во Лондон.
Шкотски ефект може да покрене низа „стари прашања“ на оваа тема и во Белгија, Италија, Германија, во делови од Истокот на Европа и во Франција.
Во Париз признаваат дека со големо внимание следат што се случува во Шкотска, не толку поради повремениот сепаратизам, пред се, во Корзика, како и во Бретања, што Британците ја нарекуваат Британи, уште од Средниот век, туку многу повеќе поради стравот за британската иднина.
Франција сака постоење на силна, единствена и европски определена Велика Британија, која ќе стои наспроти една се помоќна Германија, од што стравува Париз, кому му е потребно британското присуство.
Заминувањето на Шкотска, сепак, ќе предизвика најмногу штети врз самата Британија, која веќе нема да биде она што таа претставуваше досега, во ЕУ, во Европа и во меѓународните политички односи.
Без шкотскиот север, земјата ќе се соочи со можноста да го загуби сегашниот престиж и позиција што ја има, но да стане и несигурна на внатрешен план, со она што ќе се нарекува остатокот од Велика Британија. Тоа ќе доведе до деволуција на Англија и до темелно преуредување на земјата, а Велс и Северна Ирска од порано укажуваат дека без Шкотска, тие ќе се најдат под целосна англиска доминација.