Седум децении по победата над нацизмот, во различни делови на светот, вклучувајќи ја и Европа, се уште постојат екстремизмот, национализмот, антисемитизмот и радикализмот, предупреди амбасадорот на Русија во Германија, Владимир Гринин во обраќањето на традиционалната церемонија во Берлин по повод Денот на Европа и победата над фашизмот.
Како што јави ИТАР-ТАСС, на синоќешниот собир во германско-рускиот музеј „Берлин-Карлсхорст“, зградата во која е потпишана капитулацијата на нацистичка Германија, Гринин повика на взаемна доверба и меѓусебна почит, кои треба да бидат основата за иднината на европскиот дом.
На настанот присуствуваа шефови на дипломатски мисии од земјите-победнички во Втората светска војна, делегација на ветерани од Русија, германски државници и поголем број млади лица.
Со воена парада и други настани годишнината од подебата над фашизмот синоќа беше одбележана и во Рио де Женеиро. Бразил е единствената јужноамериканската држава, која директно учестваше во борбените дејствија против нацизмот, бидејќи 25 илјади бразилски војници имаше во составот на експидицискиот корпус во Италија во 1944 и 1945 година. Бразилците во тој период дадоа 1.889 жртви.
Свечена церемонија со полагање на венци по повод Денот на победата се одржа денеска и крај 30-метарскиот споменик „Ослободување“ во паркот Моранбон во Пјонгјанг, подигнат во чест на советските војници, кои ги дале своите животи за слободата на корејскиот народ.
– Вечна слава на големата Советска армија, која го ослободи корејскиот народ од ропството на јапонските милитаристи и му го отвори патот кон слободата и независноста, пишува на написот на споменикот.
Во одбележувањето учествуваат претставници на севернокорејски министерства, дипломати од Русија и други земји, како и претставници на Обединетите нации.