Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер, се осврна на потенцијалната употреба на нуклеарно оружје како одмазда за нападот со беспилотни летала врз Кремљ. Кремљ вчера објави дека Украинците се обиделе да го убијат рускиот претседател Владимир Путин.
По инцидентот, некои руски официјални лица предложија употреба на нуклеарно оружје за да се одмазди на Украина. Вјачеслав Володин, претседател на руската Државна дума, на Телеграм напиша дека за напад врз Кремљ „ќе биде потребна употреба на оружје способно да ја запре и уништи“ Украина, пишува Newsweek.
Сепак, Пригожин истакна дека „употребата на нуклеарно оружје како одговор на дронот не доаѓа предвид“. Тој додаде дека Русија треба да има приоритет да стане „водечка сила“ во развојот на беспилотни летала и „да одговори со точно исти беспилотни летала“. „Изгледаме како кловнови кои се закануваат со нуклеарна одмазда против детски дрон“, тврди Пригожин.
Во вчерашното соопштение Кремљ наведува дека инцидентот го смета за „планиран терористички напад и обид за атентат врз претседателот, извршени во пресрет на Денот на победата и парадата на 9 мај, на која се очекува присуство на странски гости“. Киев веднаш негираше каква било вмешаност.
„Ние не го напаѓаме Путин или Москва, ние се бориме на наша територија“, одговори украинскиот претседател Володимир Зеленски. Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, додаде дека „Украина води исклучиво одбранбена војна и не напаѓа цели на територијата на Руската Федерација“, бидејќи „тоа не решава никакво воено прашање“.