Северна Кореја денеска истрела две „неидентификувани ракети“ од источната покраина, а проектилите паднаа во море, соопшти јужнокорејската армија.
И јапонската морнарица информираше дека Пјонгјанг лансираше ракета, додека јапонското Министерство за одбрана наведе дека ракетата не навлегла во јапонскиот воздушен простор.
Лансирањето ракети се случува три дена откако Пјонгјанг соопшти дека неговата армија извршила артилериски вежби во близина на спорната морска граница со Јужна Кореја.
Пјонгјанг кон крајот на октомври истрела два проектила со краток дострел кои паднаа во морето помеѓу територијата на Северна Кореја и Јапонија.
Последните недели Северна Кореја го интензивира притисокот врз САД поради рокот до крајот на годината да се спасат преговорите. Дел од експертите тврдат дека Северна Кореја може да продолжи со тестирањето на ракети со долг дострел доколку САД не го испочитуваат рокот.
Преговорите за нуклеарната програма на Северна Кореја беа прекинати во февруари откако американскиот претседател Доналд Трамп го одби барањето на Ким Џонг-ун за намалување на санкциите во замена за делумно разоружување.
САД бара од Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје, додека Пјонгјанг бара стопирање на заедничките вежби помеѓу САД и Јужна Кореја, како и укинување на санкциите.