Американски сателитски податоци укажуваат дека Северна Кореја најверојатно започнала да полни гориво во ракетата што планира да ја лансира во текот на овој месец и покрај противењето на меѓународната заедница, објавија денеска јапонските дневни весници.
– Северна Кореја ќе ги заврши подготовките за лансирање (на ракетата) во следните денови, наведува „Асахи Шимбун“, повикувајќи се на извор во американското Министерство за одбрана.
Пјонјанг го најави лансирањето на ракетата, која би требало да однесе сателит во Вселената, меѓу 8 и 25 февруари.
Северна Кореја тврди дека нејзината вселенска програма има научни цели, но САД и нивните сојузници, меѓу кои и Јужна Кореја, сметаат дека се работи за тестирање интерконтиненталана балистичка ракета, која би имала дострел до американската територија.
Од вчера, сателитските снимки даваат податоци за значителна раздвиженост на луѓе и опрема околу рампата за лансирање и околу резервоарите со гориво во комплексот Сохае во северозападниот дел на земјата, прецизира „Асахи Шимбун“.