Претставници на Северна и Јужна Кореја денеска почнуваат преговори за обновување на работата на заедничката економска зона Кесон, што беше затворена во април годинава. Разговорите се водат во самиот комплекс.
Економската зона беше затворена по зголемувањето на тензиите поради нуклеарната проба на Северна Кореја извршена во февруари годинава. Пјонгјанг соопшти дека времено ја затвора заедничката економска зона Кесон, што според него може да биде искористено од Сеул како „жариште за создавање конфронтација“ меѓу Корејците од Северот и Југот.
Пјонгјанг и Сеул за време на викендот соопштија дека имаат желба за обновување на работата на економската зона, која се наоѓа на границата меѓу двете земји. На денешните преговори се очекува да биде разгледани деталите за тоа.
Во Кесон работат 123 јужнокорејски компании. Зоната вработува околу 800 Јужнокорејци и околу 53 илјади севернокорејски работници. Годинава зоната беше по првпат затворена по нејзиното отворање пред девет години.