Горниот дом на полскиот парламент подготвува нов нацрт-закон со кој ќе се забрани абортус при откриен Даунов синдром кај ембрионот. Тоа го изјави денеска на прес конференција претседателот на Сенатот, Станислав Карчевски.
Тој објасни дека се појавила идеја Сенатот да биде автор на извесен компромис, поради тоа што во државата веќе има тензии заради граѓански нацрт-закон со кој се бара целосна забрана за абортус.
– Проектот е веќе формулиран, изјави Карчевски.
Во септември полските пратеници разгледуваа два нацрт-закона за абортусите.
Едниот поднесен од организацијата Стоп за абортусите, предвидува целосна забрана и строги казни за жените кои бараат абортус. По првото читање, тој беше испратен на доработка.
Друг проект, на граѓански комитет Да ги спасиме жените, дава право на абортус до 12-та недела без ограничувања, а потоа по медицински извештаи. Тој беше отфрлен од Долниот дом на парламентот.