Седуммина млади балетани од Националниот балет на Куба пребегаа минатиот месец за време на турнеја во Мексико, јавија американски медиуми.
Претставник на балетот, кој побарал анонимност изјави синоќа за настанот, но не даде детали. Блогот на кубанската емиграција Кафе фуерте објави дека еден од балетаните кои пребегале сакал да остане во Мексико, а останатите шестмина – тројца мажи и три жени, на возраст од 20-24 години, се веќе во Мајами на Флорида.
Кубанскиот национален балет е гордост за владејачкиот систем во Куба. Балетот често гостува во странство и во изминатите години многумина од ансамблот пребегаа во странство каде ја продолжија кариерата. Националниот балет на Куба е основан во 1948 година од легендарната Алисија Алонсо, која сега има 91 година и се уште е уметнички директор на таа установа.