Седум лица се уапсени денеска, во големата операција на британската полиција, за пронаоѓање и фаќање на криминалната банда која изврши грабеж во компанијата „Хатон Гарден Сеифти Депозит“, за време на годинешниве велигденски празници.
Во грабежот во лондонскиот кварт, каде се изработува и продава накит, што се случи во првиот понеделник на Великден, што е неработен ден во Велика Британија, беа одземени разни парчиња накит, злато и скапоцени предмети од 56 кутии-сефови на фирмата.
Бројна екипа од детективи и полицајци, рано изутрина извршиле рација во неколку локации во Лондон и во англиската област Кент, југоисточно од британскиот главен град.
Во сите локации опфатени со рацијата е извршен претрес во станови и семејни куќи и при тоа е пронајден поголемиот дел од украдениот накит.
Седумината уапсени се мажи. сите на возраст меѓу 48 и 75 години.
Според соопштението на полицијата, при грабежот членовите на оваа криминална група користеле силна и современа техника за пробивање на страничниот безбедносен ѕид на просторијата каде биле сефовите.
Во денешната операција, како и во досегашната потрага по крадците, ичествувале околу 200 оперативци од специјалниот „Летечки одред“ на лондонската Метрополитен полиција.