Американското Министерство за правда разгледува подигнување обвинение против поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус поради оддавање доверливи информации, јавуваат американски медиуми.
Адвокатот на Петреус и портпаролот на Министерството одбија да зборуваат за тоа. Федералните обвинители разгледуваат дали Петреус делел доверлив материјал со својот биограф Пола Бродвел.
Во ноември 2012 година кога поднесе оставка на местото шеф на ЦИА, призна дека бил во врска со неа.
Агентите пронајдоа тогаш голем број доверливи податоци на компјутерот на Бродвел и во нејзината куќа. И Петреус и Бродвел јавно се извинија поради таа љубовна афера.
Скандалот придонесе за уништување на кариерата на Петреус кој беше командант на американските сили во Авганистан и во Ирак и се сметаше за потенцијален претседателски кандидат. Се уште не е донесена одлука кога би била донесена одлука за поднесување обвинение против Петреус.