Се прошири пожарот предизвикан од удар на гром во складиште на нафта во кубанскиот град Матансас, откако денеска пламен го зафати третиот резервоар. Тоа се случи и покрај претходните обиди на пожарникарите да го изладат резервоарот.
Најмалку едно лице загина, 122 се повредени, а над десетина пожарникари се водат како исчезнати.
Гром погоди еден од осумте резервоари во петокот вечерта, предизвикувајќи пожар. Оганот го зафати вториот резервоар во саботата, што предизвика неколку експлозии.
Пожарникари за време на викендот со вода ги прскаа останатите резервоари, со цел да ги изладат и да се обидат да спречат ширење на огнот.
Владите на Мексико и Венецуела испратија специјални тимови да помогнат во гасењето на пожарот.
Локални официјални лица ги предупредија граѓаните да користат маска за лице или да останат во затворен простор, бидејќи се шири чад што може да се види од главниот град Хавана, оддалечен над 100 километри.
Според експертите, чадот содржи сулфур диоксид, азот оксид, јаглерод моноксид и други отровни материи.
Извор: МИА