Турција и Иран подготвуваат заедничка операција против борците од Курдска работничка партија (ПКК) на планината Кандил, објави денеска турскиот дневен весник „Милиет“ повикувајќи се на неименувани извори од турските безбедносни сили и од иранската армија.
Весникот посочува дека и покрај предупредувањата од Анкара и од Техеран, до сега не е преземена акција против иранскиот огранок на ПКК – Пејжак. Но, по „незаконскиот“ референдум за независност на Ирачки Курдистан, Иран ја промени стратегијата кон курдските борци.
– Борците на ПКК водат вооружена борба против турската држава од 1984 година. Тие имаат кампови за обука и бази на планината Кандил, која се наоѓа на територија на Иран и на Ирак. Турските безбедносни сили извршиле низа трансгранични операции во 90-тите години до сега. Армијата има постигнато успеси во офанзивите против ПКК во Северен Ирак, но турските безбедносни сили не успеваат целосно да го исчистат реонот од терористи, бидејќи тие се префрлаат на иранска територија преку планината Кандил, наведува „Милиет“.
Весникот посочува дека Турција има низа барања кон соседен Иран, меѓу кои и затворање на границата со Ирак, запирање на терористите да ја минуваат границата, како и да им се оневозможи засолниште во Иран, а во случај курдски борци да бидат уапсени од иранските безбедносни сили, да бидат предадени на турските власти.
– Ако Иран ги исполни таквите барања, планината Кандил нема повеќе да биде сигурно место за терористите од ПКК, посочува „Милиет“.