За време на вториот ден од штрајкот на вработените во метрото во Сао Паоло избија нереди на една од станиците во градот. Полицијата со солзавец и пендреци ги растеруваше демонстрантите.
„Станицата Ана Роза, во самиот центар на градот, беше затворена, а бројни корисници се обидуваа да влезат. Избија судири меѓу штрајкувачите и патниците, така што полицијата мораше да интервенира“, се наведува во соопштението од полицијата.
Телевизијата Глобо емитуваше снимки на кои се гледа дека при растерувањето полицијата користела пендраци и солзавец.
Метро станицата била затворена од безбедносни причини.
Вработените во метрото во Сао Паоло вчера почнаа штрајк, една недела пред почетокот на Светското првенство во фудбал, кое на 12 јуни почнува со натпревар во тој бразилски мегаполис. Синдикатот одлучи да стапи во штрајк по неуспешните преговори за зголемување на платите за 16,5 отсто.