Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека ќе побара од ЕУ да го суспендира трговскиот договор со Израел на денешниот самит на Европската Унија, бидејќи оваа блискоисточна земја ги крши човековите права во Палестина, со што прекршува член од договорот.
Санчез разговараше со новинарите во Брисел пред состанокот на Европскиот совет, на кој се состануваат шефовите на држави или влади на 27-те земји-членки на ЕУ.
„Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, доби пристап до извештајот на известувачот за човекови права, во кој се наведува дека Израел можеби го крши член 2 од договорот меѓу ЕУ и Израел, кој се однесува на човековите права“, рече Санчез.
„Верувам дека е повеќе од очигледно дека Израел го крши член 2 и затоа денес ќе се залагам во рамките на Европскиот совет за Европа за суспендирање на договорот со Израел. Ова мора да се случи веднаш“, додаде тој.
Правната основа за трговските односи на ЕУ со Израел е Договорот за асоцијација меѓу Европската унија и Израел, кој е во сила од јуни 2000 година. Договорот воспостави правна и институционална рамка за политички дијалог и економска соработка. Член 2 наведува дека почитувањето на човековите права и демократските принципи е „суштински елемент“ на договорот.
„Нема смисла што воведовме 18 пакети санкции врз Русија за нејзината агресија врз Украина и Европа, и дека поради двојни стандарди не сме во можност да суспендираме ниту еден трговски договор кога е толку очигледно дека Израел го крши Член 2 од договорот“, рече Санчез.
Шпанскиот социјалист истакна дека министрите за надворешни работи на сите 27 земји го добиле извештајот на известувачот за човекови права за „катастрофалната ситуација со геноцидот што се спроведува во Појасот Газа“.
Шпанија минатата година ја призна државата Палестина во границите од 1967 година, на што Израел реагираше со повлекување на својот амбасадор од Мадрид.
Санчез денес повтори дека неговата земја има намера да издвои 2,1 процент од БДП за вооружување, наместо 5 проценти што ги објави претходниот ден НАТО на состанокот на неговите членки во Хаг. На прашањето на новинарите дали е „загрижен за заканата“ упатена од американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше незадоволен што Шпанија не сакаше да ги удвои своите трошоци за оружје во следните десет години, Санчез одговори дека Шпанија е солидарна и посветена на соработката со земјите од НАТО, но е и суверена држава.
Трамп еден ден претходно изјави дека лично ќе преговара за трговски договор со Шпанија, што ќе ја принуди Шпанија да „плаќа двојно“ за оружје.
„Јасно е дека трговската политика во Европската Унија е водена од Брисел. Ние сме во царинска унија на единствен пазар, а трговската политика ја преговара Брисел во име на сите земји-членки“, им рече Санчез на новинарите.
Тој потсети дека, откако Трамп воведе царини за европски производи, Европската комисија конструктивно преговараше со американската администрација за воспоставување нови трговски правила. Со помирувачки тон, тој потврди дека Шпанија е отворена земја и пријател на своите пријатели.
„Ги сметаме САД за пријател на Шпанија“, рече тој.