Шпанскиот премиер Педро Санчез ги обвини каталонските сепаратисти дека лажат и ја манипулираат јавноста како британските приврзаници на Брегзит.
Во невообичаено остар говор во Парламентот, премиерот социјалист ги спореди двете движења, кои според него се засновани на „раскажување измислени поплаки кои се шират преку манипулација“.
– Потребно е да се потсети дека Брегзит тргна од една гротескна кампања на исклучителни дезинформации и лаги, рече тој и додаде дека каталонските сепаратисти „веќе располагаат само со лаги за поддршка на своите политички позиции“.
– Со Брегзит имаме движење кое оди против историјата, но и против разумот. Брегзитот и каталонското сепаратистичко движење се движат по паралелни патишта и со слична реторика. Ги тераат луѓето да изберат дали ќе бидат Европејци или Британци, Шпанци или каталонци, откако со децении сме живееле со овие идентитети и многу други. Сакаат да постигнат поларизација и не даваат простор за умереност и разбирање, рече Санчез.
Тој соопшти дека неговиот Кабинет ќе заседава на 21 декември во Барселона и ќе ја зголеми минималната работничка плата од 736 на 900 евра месечно.
Одржувањето на владината седница во каталонскиот главен град беше со цел да се изрази затоплување на односите со локалните власти кои ја поддржуваат независноста на Каталонија, но каталонските сепаратисти повикаа на протести.
Педро Санчез дојде на власт со поддршка на каталонските сепаратисти и вети дека ќе го продолжи дијалогот со нив, но потоа нагло го промени својот тон кон нив. Според познавачите на состојбите, оваа промена се должи на фактот што неговата политика за помирување, која десницата ја критикуваше, беше една од главните причини за поразот на социјалистите на регионалните избори во Андалузија на 2 декември.