Координаторот на Стејт департментот за санкции Џејмс О’Брајан денеска изјави дека Русија се обидува, но не успева, да ги заобиколи западните санкции за високотехнолошки производи за воени цели, додека енергетскиот сектор и се мачи да обезбеди странско финансирање.
– Гледаме дека санкциите функционираат. Знаеме дека Русија се обидува да добие опрема и пари. Но, тоа не функционира за неа, истакна О’Брајан за време на посетата на Брисел на разговори со европските претставници.
Некои европски претставници се загрижени дека Кина и Индија би можеле да и помогнат на Москва да ги заобиколи санкциите со продажба на опрема што може да се користи за воени цели, но според О’Брајан Русија се обидела, но не успеала да го добие материјалот во тој момент.
– Русија мора да купува од непознати трговци по неизвесни цени и опрема со непознат квалитет. Современата економија не може да се води така, истакна О’Брајан.
Тој додаде дека западните земји ќе го зголемат притисокот врз Москва во наредните месеци.
Европа, САД, Канада, Јапонија и Велика Британија воведоа санкции кон Русија по февруарската инвазија врз Украина, блокирајќи го нејзиниот пристап до девизните резерви, финансиските пазари и напредната западна технологија за да ја намалат способноста на Кремљ да води војна.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека „западниот економски блицкриг“ не успеа, но призна дека штетата за економијата изнесува 1,8 трилиони долари.
Извор: МИА