Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го извести Конгресот дека работи на договор за оружје со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) вреден повеќе од 23 милијарди долари, што вклучува продажба на борбени авиони Ф-35, беспилотни летала и друго оружје.
Информацијата ја пренесоа американски медиуми повикувајќи се на извори во Конгресот.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека администрацијата ќе продолжи да работи на предлогот за продажба на оружје на ОАЕ.
Владата на Бајден привремено ги прекина договорите за кои преговараше поранешниот претседател Доналд Трамп за нивно преразгледување. Договорот со ОАЕ беше финализиран кратко пред Трамп да си замине од функцијата.
Пакетот вреден 23,37 милијарди долари вклучува 50 ловци Ф-35, 18 беспилотни летала MQ-9B и ракети земја-земја и воздух-земја.
Американскиот Стејт департмент објави дека оружјето ќе биде доставено до ОАЕ по 2025 година, доколку се одобри зделката.