САД ја затворија денеска притворската единица во Баграм во Авганистан и повеќе не држат ниту еден затвореник во земјата, соопшти американското Министерство за одбрана, затворајќи го контроверзното поглавје на американската „војна против тероризмот“.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој должноста ја презеде пред два месеци, изјави порано денеска дека од 1 јануари, САД повеќе нема да имаат право да држат притвореници во Авганистан.
Гани во телевизиското обраќање до нацијата рече дека извештајот на комитетот на американскиот Сенат за контроверзните методи на испитување на ЦИА на осомничените за тероризам, е шокантен.
Тој вети дека ќе истражи колку Авганистанци биле меѓу оние подложени на болни и понижувачки испитувања во тајните затвори на ЦИА во државата.