Американскиот Стејт департмент соопшти дека одбрил продажа на воена опрема на Тајван, во вкупна вредност од 320 милиони долари.
Како што се наведува во соопштението, станува збор за продажба на делови за ловците Ф-16 и Ф-5, како и за транспортните авиони Ц-130. Согласно законската процедура, Конгресот има рок од 15 дена да ја блокира продажбата, но според аналитичарите, постои мала веројатност за тоа.
Се очекува ваквата одлука на САД да предизвика дополнителни тензии во односите меѓу Вашинтон и Пекинг, кои се наоѓаат во состојба на трговска војна околу увозните царини.
Најавата за продажбата на деловите за авиони на Тајван доаѓа само неколку дена откако САД воведоа санкции кон Кина поради набавка на руско оружје. Станува збор за санкции кон Одделот за развој при кинеското Министерство за одбрана, поради набавка на авион од типот Сухој С-35 и на делови за системот за противвоздушна одбрана С-400.