САД ја осудуваат одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да овозможи добивање руско државјанство по брза постапка на населението од источниот дел на Украина под контрола на проруски вооружени сили, се вели во денешното соопштение на Стејт департментот.
-Преку овој целосно првокативен чекор, Русија ги интензивира нападите врз територијалниот интегритет и суверентитет на Украина, се вели во соопштението.
Се додава дека одлуката на претседателот Путин создава сериозна пречка во имплементацијата на договорите од Минск и реинтеграција на регионот Донбас во рамки на Украина. Потпишани од Русија, Минските договори предвидуваат враќање на котролата над источна Украина на Киев.
Одлуката на давање бланко руско државјанство на населението во источниот дел од земјата се случува три денови по претседателските избори во Украина на кои убедливо победи Володимир Зеленски. Новоизбраниот претседател изрази подготвеност за сериозен ангажман со Русија за имплементација на Минските договори и завршување на конфликтот во источна Украина во кој досега загинаа 13.000 луѓе.
-Останува Русија да одлучи дали сака ескалација на конфликтот или исполнување на договорите од Минск, се вели во денешото соопштение на Стејт департментот.