САД, Ирска и Велика Британија побараа итен состанок на Советот за безбедност на ОН за етипскиот регион Тигреј, каде што главниот град Мекеле повторно е заземен од силите лојални на поранешните власти (ТПЛФ), откако вчера етипската Влада унилатерално прогласи прекин на огнот. Овој состанок, што ќе биде отворен за јавноста, може да се одржи во петок, наведуваат извори од Ист ривер.
Франција, која во јули е претседавач со Советот за безбедност, треба да ги одреди датумот и времето за состанокот.
Од избувнување на конфликтот во ноември, западните земји не успеаја да одржат ниту една средба отворена за јавноста за проблемот во Тигреј, бидејќи некои африкански земји, Кина, Русија и други членки на Советот за безбедност оценија дека ова е внатрешно прашање на Етиопија .
Последниот состанок на Советот за безбедност за Тигреј беше на 15 јуни и се одржа зад затворени врати, како и сите претходни состаноци одржани од ноември.
Владата на Етиопија синоќа прогласи „едностран и безусловен прекин на огнот“ во областа Тигреј. Таа додаде дека прекинот на огнот е за да можат земјоделците мирно да работат и да може да се дистрибуира хуманитарна помош.
Во неколкумесечните судири меѓу силите на централната влада и дисидентските власти во Тигреј убиени се неколку илјади лица.