САД планираат да го напуштат УНЕСКО, со што ќе ја отежнат уште повеќе ситуацијата на организацијата на ОН за култура и образование, на која и прават проблем регионалните ривалства и недостатокот на финансирање, соопштија дипломатски извори.
Според цитираните извори, САД, кои го откажаа својот значителен финансиски придонес во буџетот на УНЕСКО во 2011 година, како протест поради одлуката за обезбедување полноправно членство на Палестинците, имаат намера да ја објават одлуката дека ја напуштаат организацијата во наредните денови.
– Тоа сѐ уште не е официјално, но е точно, изјавил западен дипломат, кој побарал да остане анонимен.
Списанието „Форин полиси“ денеска објави дека САД официјално ќе се повлечат откако УНЕСКО утре ќе избере нов генерален директор.
Според списанието, САД сакаат да заштедат пари и да протестираат поради антиизраелската позиција на УНЕСКО.
САД, кои обезбедуваа 80 милиони годишно на УНЕСКО, што е речиси една петтина од буџетот на организацијата, сé уште имаат глас во неа и се очекува да го зачуваат статусот на набљудувач.