САД и островот Тајван планираат за објават договор што предвидува продлабочување на економската соработка и зајакнување на отпорноста на меѓусебните канали за снабдување, објави агенцијата „Блумберг“ повикувајќи се на свои извори.
Според нив, најавениот договор најверојатно ќе вклучува и одредби за олеснување на трговската размена, интензивирање на синџирите за снабдување со стоки и трговија со земјоделски производи. Американскиот претседател Џо Бајден на 23 мај во Токио изјави дека САД се подготвени да го бранат Тајван со воени средства доколку биде потребно. На таквата изјава следеше остра реакција на кинеското Министерство за надворешни работи.
Тајван од 1949 година има своја администрација, формирана од остатоци на силите Куоминтанг предводени од Чианг Кај Шек (1887-1975) кои побегнаа на островот по нивниот пораз во граѓанската војна во Кина. Тајван го задржа знамето и некои други атрибути на поранешната кинеска република што ги имаше и пред комунистите да ја преземат власта во Кина.
За официјален Пекинг, како и за повеќето држави во светот, Тајван е една од кинеските провинции.
Во 1979 година САД ги прекинаа дипломатските односи со Тајван и воспоставија односи со Кина. И покрај тоа што ја признава политиката на „Единствена Кина“, Вашингтон продолжува да одржува контакти со администрацијата во Тајпеј и го снабдува Тајван со оружје. Во 2020 година, администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во услови на заладени односи со Пекинг поради ситуацијата во Хонг Конг, значително ги зајакна контактите и размената со Тајван, што наиде на негодувања кај кинеските власти.
На почетокот на октомври минатата година њујоршкиот весник „Wall Street Journal“ објави информации од извори од администрацијата на Бајден, дека американските воени инструктори се распоредени во Тајван да спроведуваат обука за зајакнување на одбранбените способности на тајванската армија.
Извор: МИА