САД и ОН денеска изразија загриженост поради изрекувањето смртни пресуди на соборениот египетски претседател Мохамед Морси и лидерите на Муслиманско братство, а Белата куќа порача дека пресудата е политички мотовирана.
– Длабоко сме загрижени поради политички мотивираната пресуда изречена на поранешниот претседател Морси, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун истакна дека ОН се против смртната казна под кои било околности.
Бан Ки-мун изрази загриженост дека таквите пресуди изречени по масовните судења, може негативно да влијаат на шансите за долгорочна стабилност на Египет.
Претходно денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека смртните пресуди изречени на соборениот египетски претседател Мохамед Морси и лидерите на Муслиманско братство претставуваат масакр на законот и основните права.
– Повикувам меѓународната заедница да делува со цел да се поништат овие пресуди, донесени врз основа на инструкции од режимот, како и да се спречи овој пат што може сериозно да го загрози мирот во египетското општество, се наведува во соопштението на Ердоган.
Египетскиот суд го осуди Морси на смртна казна, во процес во кој е обвинет за масовни бегства од затвор и напади на полицијата во текот на бунтот против тогашниот претседател Хосни Мубарак во 2011 година. Судот врз основа на овие обвиненија во мај бараше смртна казна за Морси, но тоа барање беше дадено на разгледување на муфтија, кој е врховен толкувач на исламскиот закон во Египет.
Врховниот лидер на египетската организација Муслиманско братство, Мохамед Бади, исто така, во овој случај е осуден на смрт. Судијата Шабан ал Шами изјави дека на смрт се осудени уште пет лидери на Муслиманско братство, кои веќе се наоѓаат во затвор.