Соединетите Американски Држави и Израел разговараа за испраќање специјални сили во Иран за да ги обезбедат неговите залихи од високо збогатен ураниум во подоцнежните фази од војната, изјавија четири извори запознаени со дискусиите.
Израелски функционер за одбрана изјави за „Аксиос“ дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим сериозно размислуваат да испратат единици за специјални операции во Иран за специфични мисии.
Американскиот функционер рече дека администрацијата на Трамп разгледува две опции – целосно отстранување на материјалот од Иран или доведување нуклеарни експерти за да го разредат на лице место.
Два извори запознаени со ова прашање рекоа дека ваквите операции биле меѓу опциите што му биле презентирани на Трамп пред војната со Иран.
Американскиот функционер рече дека првото прашање било каде е ураниумот, а второто прашање било како да се добие.
„Првото прашање е каде е. Второто прашање е како да го добиеме и како да добиеме физичка контрола врз него. А потоа ќе биде одлука на претседателот и Министерството за војна, Централната разузнавачка агенција (ЦИА), дали сакаме физички да го транспортираме или да го разредиме на лице место“, рече американскиот функционер.
Трамп вчера им рече на новинарите во „Ер Форс Уан“ дека распоредувањето копнени трупи во Иран е можно, но само „од многу добра причина“.
„Во одреден момент можеби ќе го сториме тоа. Не сме го пробале. Не би го направиле сега. Можеби ќе го сториме подоцна“, рече Трамп.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за „Аксиос“ изјави дека Трамп „мудро ги држи сите опции отворени и не исклучува ништо“.
Претставници на администрацијата на Трамп изјавија за „Аксиос“ дека покрај испраќањето копнени трупи во Иран за ураниум, се зборува и за заземање на островот Харг, стратешки терминал преку кој се извезува околу 90 проценти од суровата нафта на Иран.
Друг извор рече дека САД разгледуваат мали операции на специјалните сили, „не голем влез“ во Иран.
