Соединетите Американски Држави го осудија денешниот тест на Северна Кореја на балистичка ракета со долг дострел, пренесе германската новинска агенција ДПА.
„Ова лансирање претставува дрско прекршување на повеќе резолуции на Советот за безбедност на Обединетите Нации и непотребно зголемува тензии и ризици од дестабилизација на безбедносната ситуација во регионот“, се наведува во соопштението на портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон.
Според неа, овој потег покажува дека Северна Кореја „продолжува да дава приоритет на нејзиното незаконско оружје за масовно уништување и програми за балистички ракети, пред благосостојбата на нејзиниот народ“.
Како што се додава во соопштението, „не се затвори вратата на дипломатијата, но, Пјонгјанг мора веднаш да престане со неговите дестабилизирачки дејствија и наместо тоа, да избере дипломатски ангажман“.
Вотсон посочи дека американскиот претседател Џо Бајден е информиран за состојбата, а потпретседателката Камала Харис „координираше со нашите сојузници и партнери во регионот“, за време на самитот на АПЕК во Бангкок.
Северна Кореја истрела наводна интерконтинентална балистичка ракета кон Јапонското Море, познато и како Источно Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.
Ракетите со способност да патуваат повеќе од 5.500 километри се сметаат за ICBM – интерконтинентална балистичка ракета. Резолуциите на Обединетите Нации не дозволуваат Северна Кореја да тестира балистички ракети од каков било дострел, а некои се способни да носат нуклеарна боева глава.
Извор: МИА