САД, ЕУ и НАТО го осудија нападот врз редакцијата на „Шарли ебдо“

Од:

САД најостро го осудија денешниот напад врз редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ во центарот на Париз, во кој според последните информации загинаа 12 лица.

– Белата куќа е солидарна со семејствата на оние, кои беа убиени или ранети во тој напад, изјави портпаролот на претседателот на САД, Барак Обама, Џош Ернест.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг исто така го осудија овој терористички акт од засега непознати лица, нарекувајќи го варварски чин.

– Длабоко сум шокиран од бруталниот и нехуман напад што се случи во канцелариите на списанието „Шарли ебдо”. Ова е недопустливо дело, варварство што не допира сите нас како човечки суштества и Европејци. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства во мое лично име и во име на Европската комисија ја изразувам нашата најголема солидарност со Франција,истакна челникот на неформалната Влада на ЕУ, Јункер.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг исто така силно го осуди терористичкиот напад во канцеларијата на францускиот неделник. Според наследникот на Андерс Фог Расмусен, ова е варварски чин и срамотен напад врз слободата на печатот.

– Моите мисли се со жртвите и нивните семејства. Ние сме во целосна солидарност со нашиот сојузник Франција. Сите НАТО-сојузници стојат заедно во борбата против тероризмот. Тероризмот во сите негови форми и манифестации никогаш не може да се толерира или оправда – гласи пораката на Столтенберг.

Според најновите информации 12 лица загинаа, меѓу кои двајца полицајци во денешниот напад врз редакцијата на „Шарли ебдо“.

Претходно полицијата соопшти за 11 загинати и десет ранети, од кои петмина се во критична состојба.

Според очевидец, кој го видел нападот од соседната зграда во редакцијата на неделникот упаднале вооружени напаѓачи.

– Пред неколкучаса двајца мажи со качулки на главите влегоа во зградата со автомати калашников. Неколку минути подоцна слушнавме многу истрели, изјави тој, додавајќи дека напаѓачите избегале.

– Се одмаздивме за пророкот Мумамед, извикале мажите, кои отвориле оган во редакцијата, изјавија очевидци.

Напуштајќи го местото на настанот тие раниле со куршум полицаец и удриле во пешак, бегајќи со автомобил.

Редакцијата на „Шарли ебдо“ беше нападната со молотов коктел во ноември 2011 година, откако сатиричниот неделник објави карикатури на муслимански лидери и на пророкот Мухамед.

Францускиот претседател Франсоа Оланд го посети местото на нападот и свика за попладнево во 13 часот според Гринич вонредна сседница на Владата, соопшти Елисејската палата.

Оланд го означи нападот како терористички и истакна дека тој претставува варварски чин.

– Неколку терористички напади биле спречени во Франција изминатите недели, истакна Оланд.

Британскиот премиер Дејвид Камерон исто така го осуди нападот, означувајќи го како грозоморен чин.

– Велика Британија е со Франција во борбата против тероризмот, додаде Камерон.

Канцеларијата на францускиот премиер Мануел Валс соопшти дека опасноста од терористички закани во Париската област е зголемена до максимално ниво, што значи дека има опаснот од напад.

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак