Американската војска е спремна за напад на Иран доколку има потреба од тоа, истакна американскиот амбасадор во Израел, во текот на разговорите со Техеран, а во врска со сомневањата дека Иран произведува нуклеарно оружје.
Освен Израел, САД сериозно ја разгледуваат можноста со воен напад да го оневозможат Иран да ги развие плановите за обогатување на ураниумот, неопходен за производство на боеви глави. Од друга страна пак Иран постојано негира дека развива нуклеарно оружје.
Според амбасадорот Дан Шапиро, подобро е проблемот да се реши со дипломатија отколку со употреба на сила, но тоа не значи дека воената опција е исклучена доколку се јави потреба. Веќе се направени воените планови за да се провери спремноста на војската, тврди Шапиро.
Новите преговори на големите сили со официјален Техеран почнаа во април во Истанбул, а ќе продолжат на 23-ти овој месец.
САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Германија преку санкции и преговори се обидуваат да го натераат Иран да престане со обогатувањето на ураниум кој може да биде искористен, освен како гориво за нуклеарните реактори и медицински изотопи, исто така и за производство на боеви глави.
Израел, за кој се претпоставува дека е единствената држава од Блискиот исток со нуклеарно оружје, станува загрозена од Иран, поради што најави „превентивен “ воен напад. Меѓутоа, многу аналитичари сметаат дека единствено САД поседуваат доволно воена сила за извршување на нападот.