Американските власти рано во разговорите за евентуална размена со Русија, во која ќе се откажат од натамошното проширување на НАТО, сфатиле дека тоа е сериозен и долготраен интерес на САД кој не се подготвени да го жртвуваат. Ова за МИА го изјави Адам Ентус, новинар на весникот Вол Стрит Џурнал, автор на текстот насловен САД решија да не се пазарат со Путин, во кој цитира високи американски функционери кои велат дека идејата да се запре проширувањето на НАТО била ставена на маса во 2012 година.
– Во Белата куќа имаа размена на идеи, таканаречена брејнсторминг сесија, на која заедно со претставници на Стејт департментот размислувале за какви отстапки Русија евентуално би била заинтересирана. Целта била да се придобие Русија за постигнување на договор околу Сирија. Отстапките кои биле разгледувани се прекин на проширувањето на НАТО и намалување на американските капацитети за против-ракетна одбрана, изјави Ентус.
Тој додава дека не знае дали, според сценариото разгледувано од американските власти, НАТО би се откажал од прием на било кои идни членки, или само земјите за кои Русија изрази особен интерес да ги види надвор од НАТО, како што се Грузија или Финска.
Според разговорите што Ентус ги имал со американски функционери, и покрај желбата да се стави крај на граѓанската војна, во 2012 година Сирија не била толку високо на американската агенда.
На состанокот било заклучено дека ракетната одбрана и проширувањето на НАТО се превисоки стратегиски цели за САД да се откажат од нив.
– Идејата не била прифатена бидејќи прилично рано во разговорите, сфатиле дека не се подготвени да ги жртвуваат овие цели, кои ги сметаат за подолготрајни прашања. Белата куќа решила да не предложи ваква размена, иако имало гласови кои предлагале да се направи понуда пред Путин. На крајот, идејата набрзина била тргната од маса, вели Ентус.
Во неговиот текст во Вол Стриг Џурнал, напишан во соработка со дописниците во Русија, се наведува дека САД погрешно го процениле односот на Путин кон САД, општо, и конкретно по прашањето на Сирија.
Претседателот Обама се обидел да воспостави личен контакт со рускиот претседател, добил и специјално подготвен психолошки профил на Путин да му помогне во тоа, но не успеал.
Во меѓувреме, републиканската опозиција препорачува, место отстапки кон Русија, САД да направат агресивни чекори велејќи дека Русија подобро го познава јазикот на силата. Сенаторот Тед Круз, кој е еден од можните републикански претседателски кандидати, ја претстави својата надворешно-безбедносна политика во институтот Херитиџ, каде препорача дека САД треба да ги засилат своите против-ракетни системи во источна Европа.
Овој систем, чија изградба претседателот Џорџ В. Буш ја договори со Чешка и Полска, а Обама го откажа по доаѓањето на власт, би можела да ги урне руските ракети лансирани кон САД, и честопати беше силно критикуван од страна на Русија.
Од друга страна, нема многу напредок во проширувањето на НАТО од самитот во Букурешт во 2008 година. Освен Македонија, како земји аспиранти се наведуваат и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија, додека САД велат дека би сакале во Алијансата да ги видат и неутралните скандинавски земји Шведска и Финска.
Угледното списание за одбранбени прашања Џејнс Дифенз Викли неодамна како главна тема го третираше можниот прием на Македонија, Црна Гора, Босна и Грузија во НАТО. Во анализата се наведува дека НАТО постепено и дискретно врши подготовки за проширувањето кон Балканот и Грузија, и тоа за по неколку години.
– Реално, проширувањето едноставно не е на агендата во овој момент, Џејнс цитира висок дипломат од НАТО. За Македонија, Црна Гора и Босна, списанието истакнува дека се работи за земји со мали армиски буџети кои се трошат главно на плати за војниците, и кои не можат да вршат големи воени набавки, освен со здружување на силите како во планираниот проект БРААД за заеднички модерен радарски систем за Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна. Списанието вели дека Македонија досега поминала ‘неверојатни’ 14 години во процесот МАП и се смета за подготвена за влез во НАТО, да не е попречувањето од страна на Грција.
– Веќе станува непријатно за двете страни постојано одново и одново да го разгледуваме македонското досие. Гледаме дека на претставниците на НАТО им е непријатно од ситуацијата, изјавил македонски претставник за Џејнс, за рекордно долгиот процес на приспособување на критериумите на НАТО, кој продолжи да тече и по грчкото вето во Букурешт.
Џејнс Дифенс Викли оценува дека изворот на проблемот е во Грција, и единствено таа ја разбира логиката зад своето инсистирање да има ексклузивно право на името Македонија, и блокадата за интеграциите и покрај македонските отстапки како што е откажувањето од знамето.
– На крајот на краиштата, сите четири земји се наоѓаат во неизвеснот, сакаат да влезат во НАТО, но се свесни дека поединечно или колективно не можат да извршат многу притисок врз НАТО, бидејќи се премногу мали, а политичките прашања поврзани со нивните кандидатури не се многу ургентни, заклучува списанието.