Федералниот суд во Њујорк вчера го осуди на четири години и девет месеци затвор 25-годишниот шведски граѓанин Алекс Јуцел, кој е автор на опасниот компјутерски вирус „Блекшејдс“ што зарази 500 илјади компјутери во над сто држави, јави ТАСС.
Хакерот, исто така, ќе треба да плати казна во висина од 200 илјади долари.
Во февруари годинава Јуцел го призна делото пред судот во Менхетен. – Јас помагав и поттикнував други луѓе свесно да ја шират програмата Блекшејдс, која нанесуваше штети на компјутерите, изјави тој.
Согласно обвинението Јуцел бил раководител на организација, наречена „Блекшејдс“, која го продавала вирусот на лица што сакле да го користат. Преку овој бизнис организацијата заработила над 350.000 долари.
Хакерот е уапсен во Молдавија во ноември 2013 година, а во мај 2014 година е екстрадиран во САД. Според податоците на полицијата од ЕУ минатата година е извршена специјална операција за спречување на ширење на вирусот. Во рамки на операцијата беа уапсени над 80 лица во Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Канада, Холандија, САД, Чиле, Финска, Франција, Хрватска и Естонија.
Блекшејдс е вирус што на хакерите им дава речиси целосен пристап до компјутерите на корисниците. Тој овозможува да се прегледуваат документи и слики, како и да се активираат микрофони и веб-камери.