Холандскиот премиер Марк Руте го нарече „налудничава забелешка” турското тврдење дека Холанѓаните дејствувале како „фашисти” со тоа што му забранија на министерот за надворешни работи на Турција да слета во Холандија, со цел таму да води кампања пред одржувањето на референдумот за уставни измени.
– Јас разбирам дека се лути, но тоа е, се разбира, несоодветно, изјави Руте во јужна Холандија за време на митингот од кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат в среда.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Холанѓаните „не знаат како да водат политика и меѓународна дипломатија”.
– Сите тие се нацистички остатоци, фашисти, изјави турскиот лидер на митинг во Истанбул, откако холандската влада ја повлече дозволата за слетување во Холандија на авионот на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој планираше да зборува на митинг во Ротердам во поддршка на референдумот за проширување на овластувањата на турскиот претседател.
Премиерот на Холандија изјави дека не е правилно „турски министри да водат кампања во Холандија, меѓу холандскиот народ, можеби со турски пасоши, но пред сè пред холандски државјани”.
Сепак, Руте оцени дека е важно да се задржат добрите односи со Турција.
– Ние ќе направиме се за да ги задржиме односите со Турција колку што е можно подобри и посилни, рече Руте.