Руте: НАТО е подготвен да ја брани безбедноста и во вселената

Од:

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе ја брани својата територија од сите закани, вклучително и оние во вселената, по извештаите дека Русија се подготвува да лансира сателит опремен со нуклеарна боева глава. Според германските медиуми, овој месец меѓу земјите-членки на НАТО биле споделени разузнавачки извештаи за можно лансирање во следните 60 дена. Не е познато која земја го изготвила извештајот, пренесе Би-Би-Си (BBC).

„Секогаш ќе се грижиме да го одбраниме секој педа од територијата на НАТО, а тоа вклучува и обезбедување на нашата безбедност кога станува збор за вселената“, рече Руте на прес-конференција во Берлин.

Тој додаде дека Алијансата располага со неколку опции за одговор и дека, во воената сфера, редовно ќе ги проценува и, доколку е потребно, ќе ги прилагодува своите мерки за одвраќање и одбрана.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не ги видел најновите извештаи, но ги отфрли наводите – кои се повикуваат на неименувани извори – како нешто што „тешко дека заслужува сериозно сфаќање“.

Руската амбасада во Берлин соопшти дека ги отфрла „неоснованите обвинувања“, карактеризирајќи ги како дел од пропагандна кампања. Германските медиумски куќи NDR и WDR, заедно со весникот „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung), повикувајќи се на анонимни воени и разузнавачки извори, објавија дека руски сателит – наречен „Спутник-С“ – би можел да биде опремен со нуклеарна боева глава.

Според овие извештаи, сателитот би можел да се користи за попречување или уништување на други сателити, вклучително и оние што служат за комуникација и надзор.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, стоејќи покрај Руте, ниту ги потврди ниту ги демантираше извештаите, но забележа дека тие „откриваат ниво на ескалација на кое Русија очигледно е подготвена да оди“.

Тој додаде дека, иако тврдењата за руските планови за распоредување нуклеарно оружје во вселената не се нови, тие сепак се шокантни.

Портпарол на германската влада претходно изјави дека извештаите се сфаќаат многу сериозно, но истовремено предупреди да не се крева прекумерна паника поради хипотетички закани.

Јозеф Ашбахер, шефот на Европската вселенска агенција, го опиша присуството на нуклеарно оружје во вселената како „најлошо можно сценарио, вистински кошмар“, пренесува „Ханделсблат“ (Handelsblatt). Русија е потписничка на Договорот за вселената од 1967 година, со кој се забранува распоредување оружје за масовно уништување во орбитата. Во 2024 година, Соединетите Држави ја обвинија Русија дека развива антисателитско оружје опремено со нуклеарна боева глава – тврдење што Москва го негираше.

Рускиот претседател Владимир Путин тогаш изјави дека неговата земја категорично се противи на распоредувањето нуклеарно оружје во вселената.

Во септември, американскиот секретар за воздухопловни сили, Трој Меинк, изјави дека САД поседуваат „оружје за контрола на вселената во орбитата“, без да наведе дополнителни детали.

Како одговор на тоа, Песков истакна дека вселената мора да биде ослободена од каков било вид оружје.

Би можело да ве интересира

Руте ги повика земјите од НАТО да се подготват за војна

А1он

Руски хеликоптер навлегол во финскиот воздушен простор по инцидент со руски брод во Балтичкото Море

Рјабков: Членството на Украина во НАТО е неприфатливо

Мицкоски во Берлин на состанокот посветен на Украина: Ја потврдивме поддршката за постигнување праведен и траен мир преку дијалог, дипломатија и координација со нашите сојузници

Бајден за потегот што го загрижи Кремљ: НАТО стигна до границите на Русија

Лавров: НАТО им нанесе голема штета на соседните земји