Руте: Кон Орбан беа упатени најжестоките критики што сум ги видел на самитите на ЕУ

Од:

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека дебатата за правата на ЛГБТ заедницата, поттикната од законот што неодамна беше усвоен во Унгарија, била многу жестока и дека критиките и упатените пораки до унгарскиот премиер биле најжестоки што досега тој ги видел на самитите на ЕУ.

Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ вчера разговараа за унгарскиот закон, на првиот ден од самитот, што повеќето лидери го опишаа како дискриминаторски за сексуалните малцинства.

-Дискусијата беше обемна и унгарскиот премиер доби жестока критика и силни пораки што никогаш не сум видел да се упатат кон лидер на земја-членка, рече Руте, еден од најдолговечните премиери во ЕУ. Само германската канцеларка Ангела Меркел има подолго искуство во водењето на владата, по што следуваат Руте и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои се на чело на нивните влади од 2010 година.

Во раните утрински часови, по крајот на првиот ден од самитот, Руте изјави дека особено емотивен момент во дебатата бил кога премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, зборувал за неговата борба да биде прифатен како хомосексуалец.

-Јас не станав геј, јас тоа сум. Не станува збор за избор. Мојата мајка мрази што јас сум геј и сега јас живеам со тоа. И сега тоа вие ставете го во закон. Ве почитувам, но ова е црвената линија. Овде станува збор за основните права, правото да се биде поинаков, рече Бетел, обраќајќи му се на Орбан.

Бетел утринава, пред почетокот на вториот ден од самитот, кажа дека само Словенија и Полска ја поддржуваат Унгарија.

-Само две земји изјавија дека се целосно на унгарска страна: Словенија и Полска. Другите не поддржаа или не рекоа ништо, рече Бетел.

Премиерот на Луксембург кажа дека пред неколку години во Будимпешта тој и неговиот сопруг ручале со Орбан и дека тој тогаш бил сосема поинаков.

-Не го признавам денешниот Орбан. Тоа не е таа личност, рече Бетел.

Унгарскиот премиер Орбан одговара дека сите критики се темелат на погрешното толкување на законот и дека во него нема дискриминација.

Тој вели дека законот е гарантирање на правото на родителите да ги воспитуваат своите деца и заштита на малолетниците од пристап до содржина што е спротивна на принципите на родителство на нивните родители.

Унгарскиот Парламент неодамна донесе измени и дополнувања на повеќе закони со кои се забранува „прикажување и унапредување на родовиот идентитет, освен полот при раѓање, промена на полот и хомосексуалноста“ на лица под 18-годишна возраст.

Европската комисија објави дека ќе ги искористи сите овластувања со кои располага за да обезбеди почитување на правата на сите граѓани на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Орбан: Во Унгарија има повеќе работа отколку квалификувана работна сила

Орбан: Барателите на азил во ЕУ да останат надвор додека не се донесе одлука

Орбан доби неочекуван сојузник, заедно се спротивставија на клучниот пакт на ЕУ

Илјадници луѓе протестираа во Будимпешта поради снимката од поткупот на соработникот на Орбан

Орбан: Можно е за брзо време западните трупи да бидат во Украина

Орбан: Ние во Унгарија се обложивме на враќање на претседателот Трамп