Европската унија очекува од Турција да ги прифати назад сите мигранти кои не се од Сирија и да вложи максимални напори за да ги спречи сириските бегалци да заминуваат од нејзините брегови, изјави денеска холандскиот премиер Марк Руте, по пристигнувањето во Брисел на средбата на врвот ЕУ-Турција, која се очекува да даде поттик на билатералната соработка во врска со мигрантската криза.
– Многу е важно Турција прво да биде подготвена да ги прифати назад сите белгаци кои не се од Сирија, изјави Руте кој синоќа учестуваше на средбата за координација на напорите за справување со кризата заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
– Сепак, на крајот се стремиме бројот на приливот на сириски бегалци да се сведе на нула. Ќе видиме какви мерки можат да се преземат, додаде холандскиот премиер.
Истовремено, Руте изјави дека е „среден оптимист“ околу „отстапките“ кои Турција би можела да ги направи за ЕУ.
ЕУ бара Турција да го намали приливот на имигранти кон грчките брегови, кој би можел да се зголеми со подобрување на временските услови и доаѓањето на пролетта.