Рут Дејвидсон: Владата мора да вклучи и други страни во преговорите за Брегзит

Од:

Лидерот на шкотските конзервативци Рут Дејвидсон изјави дека во преговорачкиот процес со ЕУ за Брегзит, Владата на Тереза Меј би морала да вклучи и други страни (партии).

Таа смета дека Конзервативната партија мора да ги слушне и другите мислења и да се определи за „мек“ Брегзит, особено сега, кога на предвремените избори од 8 јуни, Меј и ториевците го загубија мнозинството во Парламентот.

Според Дејвидсон, главните приоритети во преговорите со ЕУ треба да бидат економијата и слободната трговија, па затоа оваа ториевска политичарка од Шкотска смета дека е потребно вклучување на поширок круг заинтересирани страни.

– Тоа е неопходно за да не излезе дека Брегзит е само ториевска операција, туку дека зад напуштањето на ЕУ стојат сите партии и целата земја, изјави Дејвидсон, на еден собир во Единбург.

Нејзината изјава доаѓа по притисоците врз Меј од нејзините конзервативци да се повлече од функцијата, обвинувајќи ја за загубеното мнозинство, што се објаснува со погрешно водената кампања, непотребните избори, како и со залагањето за „тврд“ Брегзит и за спремноста да се напушти ЕУ и без да се постигне договор со Брисел.

Дејвидсон и низа угледни конзервативни политичари тврдат дека таквата тврда позиција и честите јавни расправии со Брисел, уште пред да почнат преговорите, ги одвратија гласачите од ториевците кои наместо да извојуваат уверлива победа, како што се очекуваше, се најдоа на работ да доживеат пораз.

Оваа политичарка се смета за најзаслужна за големиот успех на конзервативците во Шкотска, каде по правило никогаш не биле премногу популарни.

На изборите од мај 2015 година, ториевците имаа само еден пратеник од шкотските изборни единици, од вкупно 59 колку што се избираат во Шкотска, но на неодамнешните предвремени избори, партијата успеа да освои 13 пратенички места.

Тоа се оценува како личен триумф на оваа локална конзервативна политичарка, која со ваквиот пресврт на изборите во шкотските изборни единици, успеа да ги спаси Меј и партијата од целосен пораз.

Дејвидсон ги отфрла тврдењата дека би можела да се отцепи од својата матична партија во Лондон, но таа не крие дека шкотските ториевци ке гласаат во Вестминстер според своите убедувања.

Таа навестува дека конзервативците од Шкотска би можеле да се определат за „мек“ Брегзит, за останување на единствениот пазар на ЕУ и во царинската унија, без разлика на тоа какви ке бидат позициите на сопартијците од Англија.

Сугестијата за вклучување и на други страни во преговорите со ЕУ е радикална новост во позициите од еден ториевски политичар. Досега само Шкотската национална партија (СНП) на Никола Страџен побара да биде вклучена во преговарачкиот процес, но беше студено одбиена од Тереза Меј.

Би можело да ве интересира

Британскиот адмирал: На чекор сме од нуклеарен армагедон

Хели: Не треба да постои страв од реториката на Путин

Повеќе од 35.000 мигранти пристигнаа во Велика Британија оваа година

Британците ги бришат џихадистите од Сирија од листата на терористи

Горан Наумовски

Милиони Британци погодени од огромно невреме, десетици илјади останаа без струја

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот