Американските испораки на артилериска муниција во Украина ќе се вршат првенствено преку Германија и Полска. Министерството за одбрана на САД веќе некое време се подготвува за почеток на испораката. Украина долго време ја чека оваа важна одлука на американскиот Сенат – се работи за нов пакет помош во износ од 60 милијарди долари (56 милијарди евра). На фронтот во источниот дел на земјата, украинските војници се под силен артилериски оган од руските сили, на што украинските војници поради недостиг на муниција едвај можат да одговорат.
„Министерството за одбрана работеше напорно во последните недели за да подготви сè“, вели поранешниот главен командант на американските копнени сили за Европа, Бен Хоџис во интервју за ДВ. Тоа значи дека Пентагон веќе го подготвил оружјето, па сега се може брзо да се пренесе преку граница“, објаснува германскиот експерт за безбедност Нико Ланге во интервју за Дојче веле.
Веќе постои разработен транспортен систем на украинската граница, подготвен да ги заштити резервите од руски воздушни напади. „Од почетокот на големата руска инвазија пред две години, земјата воспостави „дисперзирана логистика“ за испорака на западна воена опрема“, вели Ланге. „Стоката не се става во еден воз, кој може да биде примамлива мета, туку се дистрибуира на различни, кои често патуваат до своите дестинации ноќе.
Украина сега има на располагање флота од западни тешки транспортери за патен транспорт. Во Украина во текот на ноќта беше воведен полициски час, што ѝ отежна на московската разузнавачка служба, особено на шпионите на теренот, да ја лоцираат рутата за снабдување.
„Поранешниот американски генерал-полковник Хоџис вели дека руските воздухопловни сили, иако имаат многу подобри авиони, досега не успеале да уништат ниту еден воз или конвој што превезувал муниција или опрема од Жешов, Полска, преку Украина.
Регионалниот аеродром во малиот град Жешов во југоисточна Полска е главниот премин за помош на Западот. Хоџис претпоставува дека таму ќе слетаат американски авиони од Германија. Без разлика дали се работи за железници или авиони Ц-17 кои летаат до Полска, а потоа го пуштаат својот товар во Жешов – логистиката на американската војска може да дејствува брзо.
Хоџис истакнува дека Германија е клучен центар за испораки на САД во Украина „поради нејзината географска положба, развиената инфраструктура и, конечно, поради речиси осумдесетгодишното американско присуство и соработка со Германија“.
Во југозападниот дел на Германија има и најголемо складиште за муниција на американските воени сили надвор од САД. Армискиот склад Миесау се наоѓа во непосредна близина на најголемата американска воена база во Европа, во Рамштајн.
Хоџ вели дека новиот пакет помош вклучува првпат артилериски ракети ATACMS со дострел од 300 километри. Американскиот претседател Бајден досега дозволи испорака на ова оружје само со дострел од 150 километри – слично на ракетите Skalp или Storm Shadow од Франција и Велика Британија.
Хоџис верува дека Украина би можела да го искористи новото оружје за да ги гаѓа руските командни структури и складиштата за муниција и оружје. „Наместо да чекате да бидат лансирани руски ракети и авиони, а потоа да се обидувате да ги пресретнете или соборите, многу поефикасно е да се уништи местото од каде што доаѓаат овие ракети.
Нико Ланге, кој исто така работи за Минхенската безбедносна конференција, вели: „Кога ја гледаме ситуацијата на југ, ситуацијата е сè уште таква што трите приоди кон полуостровот Крим претставуваат клучни воени цели“. Тој очекува дека Украина во наредните месеци ќе се обиде да елиминира се почувствителни точки на руско снабдување на Крим – сè до најважната рута за снабдување, мостот на Крим што ја поврзува Русија со Крим. „Постојат голем број видови муниција што во моментов само САД можат да ги набават“, вели Ланге. Особено затоа што започнувањето на производството на муниција во Европа трае многу долго.
Кристијан Молинг, директор на Центарот за безбедност и одбрана во германскиот тинк-тенк DGAP (Германско друштво за надворешна политика), смета дека пакетот помош, кој сега е одобрен од американскиот Сенат, најмногу им купил време на Европејците. Тој смета дека оваа нова американска помош е „крајот на приказната“ во вакви размери.