Руски медиуми објавија видео запис, направен во регионот на романскиот пристанишен град Констанца, со тврдење дека „Романија се подготвува за Трета светска војна“, пишува романскиот весник „Гандул“.
Видеото, за кое се тврди дека е направено од жители на малото градче Овидиу, во округот Констанца, покажува воз, натоварен со воена техника, наведува весникот. Романското министерство за одбрана објави дека воената техника од возот ќе биде користена за заедничка вежба на војници од САД, Бугарија и Македонија.
– Романски војници се упатуваат кон украинската граница, објави „Гласот на Русија“ во неделата заедно со видео клипот, објавен на „ЈуТјуб“ и „ЛајвЛик“.
На видеото се гледа воз, натоварен со воена техника. Вагони со топови, ракетни фрлачи и воени камиони. Товарот е снимен минатата недела од локално население и објавен на Интернет, пишува „Гандул“.
САД побараа од Романија зголемување на операциите во базата во близина на Констанца, односно да распоредат маринци и голем број авиони, така што бројот на американски војници може да достигне максисум 1.600.
Романскиот министер за одбрана Мирчеа Душа кон крајот на минатата недела објави дека во мај претстои нова воена вежба, како и воени вежби во Црното Море, наведува весникот „Гандул“.