Украинските сили гранатираа руски град во близина на границата по трет пат за една недела, при што беа повредени четири лица, оштетени згради и запалени возила, изјави гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков.
Две лица се хоспитализирани по артилерискиот напад на Шебекино, изјави Гладков во апликацијата за пораки Телеграм. Во гранатирањето, меѓу другото, оштетени се прозорци и покриви на станбена зграда од осум ката, четири куќи и едно училиште. Ројтерс не можеше независно да го потврди тој извештај.
Гладков во понеделникот пријавил дека биле погодени две индустриски објекти во градот. Во саботата, тој рече дека бил под артилериски оган додека се обидувал да влезе во градот, кој е само околу седум километри северно од границата со Украина.
Украинците јавно не преземаат одговорност
Белгород, кој се граничи со украинската област Харков, во последните месеци се почесто е напаѓан од украинските сили. Украина не реагираше на последното гранатирање, но речиси никогаш јавно не презема одговорност за нападите во Русија и на териториите под руска контрола во Украина.
Локалниот координативен центар во регионот Луганск, формиран од Москва, тврди дека четири лица загинале, а 16 се повредени во украинското гранатирање на селото Карпати. Како што се наведува, била погодена живинарска фарма. Двете страни негираат дека целеле цивили.