Русија денеска соопшти дека протерала италијански дипломат како одговор на „непријателските и неоправдани активности“ на официјален Рим, кој на крајот на март протера двајца руски функционери поради шпионска афера.
Според изјавата на руското Министерство за надворешни работи, поморското аташе на италијанската амбасада во Москва е прогласено за персона нон грата и мора во рок од 24 часа да ја напушти земјата. Одлуката му е предадена на амбасадорот, кој бил повикан во министерството.
Москва својата одлука ја објасни со „непријателски и неоправдани активности на италијанските власти против военото аташе на руската амбасада во Рим“.
Италија веднаш реагираше и ја осуди одлуката на Москва, оценувајќи ја како „неоснована и неправедна“, донесена „како одмазда за легитимната мерка на италијанските власти во одбрана на сопствената безбедност“.
Веќе неколку недели трае дипломатската криза меѓу Русија и западните земји, особено поради тензиите околу Украина и затворањето на рускиот опозиционер Алексеј Навални.