Рускиот министер за одбрана денеска соопшти дека на дел од војниците распоредени долж границата со Украина им е наредено да се вратат во касарните, сигнализирајќи со тоа дека ќе запре натрупувањето на војска што ги подигна тензиите меѓу Русија и Украина, но и меѓу Русија и Западот.
По објавата на министерот Сергеј Шојгу, дадена неколку часови откако Русија ги заврши големите воени маневри на Крим, валутите на двете земји ја зголемија вредноста.
Западните земји со денови ја повикуваат Москва да запре со распоредувањето на воените единици кон Украина, а на објавата за делумното повлекување досега реагираше НАТО, со внимателно изразено соопштение во кое се вели дека сите чекори на Русија кон деескалација на состојбата се „важни“, но и „задоцнети“.
Од Алијансата порачуваат дека НАТО стои покрај Украина и ги повикаа руските власти да ги повлечат силите од украинска територија.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Русија месецов распоредила околу 40.000 војници на границата со Украина, а приближно уште толку се распоредени на Крим. Москва не објави колку војници се испратени на границата.